Вардар одигра машки, но Кјелце се спаси во „Јане Сандански“

Вардар и Кјелце одиграа 28:28 во меч кој беше неизвесен до последната секунда. На крајот, по голема борба, ремито делува и како најреален резултат, иако вардарци го имаа нападот за победа.

Неверојатна драма имаше во завршницата. Скубе погоди за 28:27, а гостите брзо вратија, плус Шишкарев доби исклучување, што значеше дека Вардар ќе биде без еден играч до крајот на мечот. Вардар згреши во нападот, а потоа следуваше феноменална одбрана на вардаровиот голман. Скубе го имаше и последниот шут на мечот, но беше неуспешен.

Со овој бод, Вардар стигна до 9 бода од 7 меча во Б групата и останува на второто место зад лидерот Кил кој има 11 и меч помалку. Веспрем и Кјелце имаат по 8 бода, а Мотор е со 7 бода и меч помалку.

СЕ ЗНАЕШЕ ДЕКА ЌЕ БИДЕ ДРАМА ОД ПОЧЕТОК ДО КРАЈ

Уште од самиот старт се знаеше дека ќе биде меч на кој ќе се бие голема битка. Гостите поведоа со 1:0, а потоа Вардарци беа тие кои го диктираа резултатот. Црвено-црните водеа со 4:2, 7:3, а најголемата предност ја имаа во 15 минута (10:5). Потоа следуваше тајм-аут на тренерот на гостите, Талант Душебаев, па Кјелце со серија од 4:0 стигна до гол негатива. Гостите успеаа и да поведат со 15:14, но Вардар до полувремето стигна до предност од 17:16. 

„ЦРНА ДУПКА“ КОЈА ЗА СРЕЌА НА КРАЈОТ НЕ БЕШЕ КОБНА ЗА ВАРДАР

Во вториот дел Вардар тргна добро и поведе со 20:16, а во 35 минута имаше и предност од 21:17. Тогаш, европскиот првак како да влезе во „црна дупка“, па гостите се разиграа. Вардар водеше со 22:19, а Кјелце со серија од 6:0, стигна до водство од 25:22 во 47 минута.

Сепак, Вардар покажа зошто е европски првак и не се предаде, па во 57 минута израмни на 26:26, а минута подоцна беше 27:27, па и 28:28 што беше најава дека ќе има драма до крајот, но немаше погодоци во последните неколку напади.

Следната сабота следи „реванш“ меѓу овие две екипи, но тогаш Вардар ќе гостува кај Кјелце, во рамките од 8. коло во ЛШ.

 

- Оглас -

Најнови вести