Вардар освои бод на гостувањето во Штип, Шкупи е нов лидер на табелата

Брегалница и Вардар одиграа 0:0 во меч од деветото коло на македонското фудбалско првенство и тоа беше единствен натпревар во ова коло на кој немаше погодоци. Двете екипи имаа свои шанси за погодок на стадионот во Штип, но на крајот мрежите мируваа, а двата тима освоија по еден бод.

Брегалница има 10 бода и е на деветото место на табелата, додека Вардар останува на дното со само пет бодови од осум одиграни средби.

Во дуел на двата последни шампиони, Шкупи со 2:0 го победи Струга ТЛ. Бразилецот Куевен погоди во 52 минута за 1:0, а во 62 минута Струга ТЛ остана со фудбалер помалку по исклучувањето на Георгиевски, кој направи прекршок и за пенал.

Трапановски промаши пенал за Шкупи, но чаирчани до крајот не дозволија да киксираат и со голот на Воша во 90 минута стигна до потврда на триумфот со конечни 2:0 и искачување на првото место на табелата.

Силекс со 4:2 ја победи Воска Спорт во најефикасниот дуел во ова коло. Гостите од Охрид први погодија, но кратовци до полувремето направија пресврт и стигнаа до водство од 3:1. Во вториот дел Силекс поведе и со 4:1, а гостите со вториот гол само го ублажија поразот.

На Работнички му беше доволен еден гол за да се радува на три бода против Тиквеш. Албанскиот интернационалец Мацари погоди во 21 минута и на крајот тоа се покажа како клучен момент за победата на романтичарите.

Гостивар и Шкендија ремизираа 2:2 во меч на кој домаќините два пати беа во водство, но Шкендија израмнуваше.

- Оглас -

Најнови вести