Вардар претрпе дебакл и од Веспрем

Европскиот првак Вардар го загуби вториот меч во низа во Лигата на шампионите, на гостувањето кај Веспрем Црвено-црните претрпеа нов дебакл со конечни 39:30. Иако Вардарци за разлика од дуелот со Кил беа многу поефикасни, проблемите во одбраната беа очигледни што беше најава дека и по смената на кормилото македонската гордост нема да „преживее“ во Унгарија.

Веспрем имаше контрола врз резултатот уште од средината на првото полувреме, па на паузата заминаа со +4. Вардар добро отвори во вториот дел и намали на 21-19, но наместо тоа да биде најава за неизвесен крај, домаќините се разиграа и со неколку мини-серии се изборија за двоцифрена предност.

Дуелот воопшто не личеше на реприза од минатосезонското финале по кое Вардар ја освои втората европска круна.

Лауге со 8 гола од 9 обиди беше најдобар од редовите на Веспрем, Нилсон имаше 6/6 уште во првото полувреме, а македонскиот репрезентативец Манасков во сите три обиди беше успешен да го тресе голот на Вардар. Дибиров со 8 погодоци беше единствената светла точка кај Вардарци.

- Оглас -

Најнови вести