Вардар рутински до четвртфинале, следна пречка веројатно Сегед

Уште по првиот натпревар во Загреб кој Вардар го доби со 27-18, беше јасно кој од овие два тима ќе биде учесник во четвртфиналето на плејофот во ракометната Лига на шампиони, а официјализацијата дојде вечерва, после реваншот во „Јане Сандански“ на кој „црвено-црните“ го победија хрватскиот првак со 32-30.

Хрвaтското 33-годишно крило Иван Чупиќ (никогаш нема играно за Загреб) беше најрасположен во тимот на тренерот Роберто Парондо, и постигна 9 гола од десет обиди (6/6 од седмерци). Карачиќ, Калараш и Дибиров уфрлија по три гола.

Висла Плок и унгарски ПИК Сегед се можните ривали на Вардар во битката за место на финалниот турнир. Сегед за кој играат Шпанците Кањелјас и Македа (некогашни членови на Вардар), како гостин победи со 22-20 на првиот дуел во Полска, а реваншот се игра утре од 17 часот.

ЛАЗАРОВ ГО ЕЛИМИНИРАШЕ ТАЛЕСКИ

Францускиот тим Нант, чиј дрес го носи македонската ракометна легенда Кирил Лазаров, истотака оди во четвртфиналето, откако на драматичен начин го елиминираше Рајн Некар на Филип Талески. Првиот меч го добија Германците со два гола разлика, а денеска Нант славеше со 30-27, со гол на Ромен Лагард на 13 секунди до крајот.

Лазаров придонесе со скромни два гола, а Талески не се запиша во листата на стрелци. Следен ривал на Нант е Барселона.

Понатаму оди и Веспрем на Дејан Манасков. Македонецот денеска го даде еден од најатрактивните голови во ЛШ. Унгарскиот тим во четвртфиналето ќе се сретне со Мешков Брест или Флензбург.

- Оглас -

Најнови вести