Вардар да биде со тактика на Ливерпул – елиминирај ја Барса во полуфинале и стани европски првак!

Македонскиот ракометен првак Вардар денеска го игра мечот кој може да го искачи на европскиот трон. Финале во Лигата на шампионите против Веспрем и желба да се повтори 2017 година, кога „црвено-црните“ станаа најдобар тим во Европа.

Само уште еден меч, само уште една препрека за да има нова ерупција од радост кај љубителите на спортот во Македонија. Унгарскиот Веспрем е противник кој е опасен, но секако може да се победи. Сезонава, финалистите играа во групната фаза од ЛШ, а интересно, двете екипи се радуваа по еднаш и тоа на гостински терен.

Прво Вардар славеше на гости со 27:25, а потоа во „Јане Сандански“, Веспрем направи чудо, бидејќи во првиот дел губеше со 16:10, а на крајот победи со 29:27. Финалистите се добро познати и од настапите во СЕХА лигата низ годините. Во изминативе пет години, досега играле 14 пати, а Веспрем е подобар и имаше шест победи, наспроти четирите радости на Вардар, додека четири меча завршиле нерешено.

Во редовите на двата финалисти има неизвесност пред финалето. Во последната минута од полуфиналето против Барселона, се повреди Игор Карачиќ. Хрватот се жали на болка во мускулот и не се знае дали ќе биде подготвен за финалето. Кај Веспрем, во полуфиналето против Келце се повредија голманот Арпад Штербик и искусниот Ласло Наѓ.

Вардар денеска треба да ја спроведе тактиката на Ливерпул. Англискиот фудбалски гигант во полуфиналето од ЛШ на чудесен начин ја елиминираше Барселона, а синоќа стана европски првак. Сега очекуваме и слично ракометно сценарио. Барселона на неверојатен начин загуби во полуфиналето, а на Вардар му останува да го зададе завршниот удар за да застане на европскиот трон.

 

- Оглас -

Најнови вести