Иван Чупиќ во првата сезона како тренер на Вардар ги освои двата пехари на домашната сцена. По освоениот трофеј во Купот, Вардар вечерва и официјално е нов шампион во ракометното првенство на Македонија.
„Секогаш може и подобро, но навистина благодарам за честитките. Во ваков амбиент, со ваков конкурент, да ја завршиме работата и да ја освоиме титулата, не можевме подобро ни да сонуваме. Ова беше вистински маратон, но на крај заслужено ја вративме титулата во Скопје. Уште еднаш им благодарам на навивачите, на целиот клуб, на сите кои ми дадоа шанса да работам во вака голем клуб и секако на сите мои играчи кои ја вратија титулата и ги вратија навивачите во сала. Секако ќе им се заблагодарам и на Талевски, Борозан и Ќосевски кои не се со нас, но беа во овој тим 4-5 месеци. Ова е голем ден за сите кои го сакаат Вардар“, изјави по натпреварот тренерот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ.

