Вечерва ќе бидат познати последните двајца учесници во осминафиналето во Лигата на шампионите

Со денешните натпревари ќе биде ставен крај на првата фаза во Лигата на шампионите и ќе бидат познати сите екипи што ќе учествуваат во нокаут-фазата во елитното натпреварување.

Досега 14 екипи го заверија пласманот во осминафиналето, а вечерва ќе бидат познати и последните две екипи што ќе ги продолжат натпреварите во ЛШ.

Во групата Е, Челзи сигурно е прв со 10 бода, а во меѓусебен дуел Милан и Салцбург ќе одлучат кој ќе биде втор и ќе ги продолжи настапите во осминафиналето. На Милан, кој игра пред своите гледачи, доволно му е и реми бидејќи има бод повеќе.
Динамо Загреб му гостува на Челзи во Лондон и потребно му е чудо, односно да победи за да го освои третото место и напролет да игра во Лигата на Европа.

Во групата Ф, Реал Мадрид е прв со 10 бода, Лајпциг има 9, а Шахтар 6 бода. Кралевите вечерва од 18.45 играат против отпишаниот Селтик и со триумф ќе го заверат првото место, додека во меѓусебен дуел Лајпциг и Шахтар ќе го дадат последниот учесник во нокаут-фазата. Натпреварот ќе се игра во Полска, Шахтар е домаќин и со евентуална победа ќе го освои второто место на табелата бидејќи во првиот дуел со Лајпциг славеше со 4:1.

Во групата Г сè е познато, Манчестер сити сигурно е прв со 11 бода, Борусија Дортмунд е втора со 8, а Севилја, која има 5 настапи, ќе продолжи во Лигата на Европа бидејќи овој распоред на табелата не може да се промени, а Манчестер сити и Севилја, односно Копенхаген и Борусија Дортмунд се очекува да играат за мерак на гледачите.

Во групата Х, познати се двете екипи што одат понатаму, тоа се ПСЖ и Бенфика, а вечерва ќе се знае кој ќе биде прв, а кој втор на табелата, а исто така ќе биде познат и патникот во Лигата на Европа бидејќи и Јувентус и Макаби Хаифа имаат по три бода. ПСЖ е во предност пред Бенфика поради гол-разликата и сигурно ќе остане прв ако го победи Јувентус.

За Бенфика единствена опција за првото место е да слави со четири или повеќе гола. Старата дама ќе се обиде да ја спаси европската сезона со пласманот во Лигата на Европа, но за тоа да се случи, не смее да загуби, како и Макаби да не ја победи Бенфика во Хаифа.
Во случај на пораз на Јувентус и реми на Макаби тогаш италијанскиот тим ќе се прости од Европа.

- Оглас -

Најнови вести