Има мечеви од ЛШ во Милано, Барселона, Париз, Рим, но дуелот на којшто ќе има најмногу публика во ЛШ ќе биде во Техеран, и тоа поради Роналдо

Осум дуели во Лигата на шампиони на УЕФА се играат вечерва, во првото коло од новата сезона и се очекува многу стадиони да бидат исполнети до последно место. Милан на „Сан Сиро“ е домаќин на Њукасл, а Барселона нема да има можност да биде домаќин на „Камп ноу“, па на Олимпискиот стадион во каталонската престолнина ќе го пречека Антверпен.

На „Олимпико“ во Рим, Лацио е домаќин на Атлетико Мадрид, а дербито ќе биде во Париз, каде што на „Паркот на принцовите“, ПСЖ ќе ја пречека Борусија Дортмунд. Актуелниот бранител на трофејот, Манчестер сити, на свој терен ќе игра против Црвена ѕвезда, а се играат и дуелите меѓу Јанг бојс – Лајпциг, Феенорд – Селтик и Шахтар – Порто.

Во ЛШ за првпат по повеќе од 20 години ќе го нема Кристијано Роналдо. Португалецот кој веќе девет месеци е дел од Ал-Наср во Саудиска Арабија, ќе игра дуел од Лигата на шампионите, но во Азија, и тоа на гости во Техеран. Персеполис е домаќин, а во Техеран владее фудбалско лудило по Роналдо.

Овој тим игра на стадионот „Адази“, кој може да се пофали дека бил домаќин на мечот Иран – Австралија, на кој имало неверојатни 128.000 гледачи. Потоа, стадионот е реконструиран и сега собира околу 80.000 гледачи, а нема дилеми дека ќе биде исполнет до последно место затоа што гостува Кристијано Роналдо.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести