Вечното кошаркарско дерби на „менито“ за обложување: МЗТ е фаворит

Најтрофејните македонски клубови МЗТ Скопје Аеродром и Работнички вечерва ќе испишат уште една страница од вечното дерби. Скопските ривали ќе го играат 142-риот меѓусебен дуел, а домаќин е МЗТ Скопје Аеродром во „Јане Сандански“.

Работнички е актуелен првак, а МЗТ е освојувач на Купот. Гостите од „Градски парк“ минатата сезона успеаја да стават крај на шестгодишната доминација на „штрковите“ во првенството, а сега се надеваат дека следува период за нивна радост.

Во вкупниот биланс, Работнички е многу поуспешен. Во досегашните 141 натпревар, Работнички има 86 победи, а МЗТ се радувал 55 пати. И на гостински терен Работнички е подобар и има 31 победа и 29 порази. Сезонава, во четири одиграни дуели досега, тимот предводен од Марин Докузовски има максимален ефект. Аеродромци во пет средби се со биланс од четири победи и пораз на гостувањето кај Блокотехна.

Од управата на МЗТ Скопје Аеродром повикаа салата да биде исполнета и да дојдат сите љубители на кошарката, без разлика за кого ќе навиваат.

„МЗТ Скопје Аеродром би сакал да ја информира македонската спортска јавноста дека привршуваат сите детали околу организацијата на утрешната пресметка против Работнички (20.15 часот) со цел првото вечно дерби сезонава да мине во фер и спортска атмосфера, односно да биде тоа што и заслужува – вистински празник на кошарката.

Пресметката помеѓу најлутите ривали секогаш носела фантастични дуели на паркетот, но и надвикување на трибините помеѓу најверните навивачи на двата тима. Тоа е ривалство кое е исто толку важно и големо колку и тоа помеѓу играчите на вечните противници. Овие средби мора да бидат празник за очите и душата и причина за враќање на вербата во македонската кошарка, а тоа без полни трибини и аргентинска атмосфера од двата табори воопшто нема да биде можно.

Поради сето ова, јавно ги повикуваме навивачите на Работнички утре слободно да дојдат во „Јане Сандански“ и со навивање за своите миленици да го проследат вечното дерби. Ограничувања нема да има, ниту, пак, некој ќе биде спречен да влезе во салата само затоа што го симпатизира нашиот противник. Билетите се во слободна продажба, секој може да си купи колку сака сѐ со цел да го вратиме стариот сјај на вечната пресметка.

Затоа, вљубеници во црвено-белата боја, без страв дојдете во Аеродром и бодрете ги своите. Едноставно, дерби без набој и тензии, секако, во рамките на дозволеното, воопшто не е дерби“, стои во соопштението на МЗТ Скопје Аеродром.

Мечот започнува во 20.15 часот, а билетите чинат по 100 денари.

- Оглас -

Најнови вести