Вејн Руни смета дека Виктор Ѓокереш е најдобриот трансфер во Премиер лигата за сезоната 2025/26, истакнувајќи дека шведскиот напаѓач имал огромно влијание во шампионската сезона на Арсенал.
Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед во својот поткаст на Би-би-си објасни дека токму доаѓањето на Ѓокереш било клучниот елемент што му недостигал на тимот на Микел Артета за конечно да ја освои титулата.
„Мислам дека тоа е Виктор Ѓокереш. Гранит Џака беше фантастичен за Сандерленд, но погледнете што му донесе Ѓокереш на Арсенал, токму тоа им беше потребно“, изјави Руни.
Шведскиот репрезентативец минатото лето пристигна на „Емирати“ од Спортинг Лисабон и веднаш се наметна како еден од најважните играчи во тимот. Во сезоната во Премиер лигата одигра 36 натпревари, постигна 14 гола и беше важен дел од офанзивната линија на Арсенал.
Топчиите конечно ја прекинаа 22-годишната пауза без шампионска титула во Англија, а многумина токму Ѓокереш го посочуваат како играчот што донесе дополнителен квалитет и сигурност во нападот на лондонскиот клуб.

