Велеа дека мојот стил е „ширење ерес“, но сега Јувентус, Интер, Рома и Лацио играат како нас

По три одиграни кола во Серија А, Аталанта е на врвот од табелата. Тоа и не е случајно ниту за чудење, ако се знае дека минатата сезона, тимот од Бергамо до последните неколку кола пред крајот, беше дури и во трка за титулата. Освен со одличните игри во Италија, Аталанта стигна и до четвртфиналето во Лигата на шампиони, каде несреќно со два гола во 90+ минути загуби од ПСЖ.

Тренерот Џанпјеро Гасперини е еден од најзаслужните за одличната трансформација на тимот кој сега е рамо до рамо со најдобрите.

„Морам да им се заблагодарам на фудбалерите кои го прифатија мојот стил на игра. Кога почнав да играме со тројца централни дефанзивци, тоа го сметаа за ерес. Но сега, Јувентус, Интер, Рома и Лацио играат како Аталанта. Според мене тоа е најдобрата формација од која нападот започнува од одбраната. Резултатите потврдуваат дека сум бил во право. Долго време луѓето тврдеа дека ние само повеќе трчаме од останатите екипи, но статистиката друго покажува. Имаме многу добра техника, како инаку ќе дадевме 98 гола во сезона“, вели Гасперини.

Аталанта и сезонава почна фуриозно и во трите натпревари даде дури 13 гола, односно повеќе од четири во просек по меч. Во следното коло, тимот од Бергамо ќе има тешко гостување кај Наполи. Дуелот се игра на 17 октомври.

- Оглас -

Најнови вести