Велодром гори во црвено, поранешниот европски првак е пред банкрот

Олимпик Марсеј е најпогоден од кризата со Коронавирусот, а салдото на клубот е во дебел минус од 206 илиони евра, пред се како последица на прекинатиот шампионат.

„Велодром гори во црвено“ објавија дел од француските медиуми, со алузија на големите проблеми на поранешниот европски првак, во земјата на актуелниот светски првак. Пари нема од ТВ права, бидејќи „Канал плус“ одбива да ја плати договорената сума, по одлуката да се прекине и да не се доигра Лига 1.

Секако нема и ќе немаше пари од влезници, бидејќи и да се доиграше сезоната тоа ќе беше без присуство на публика, што е еден од основните приходи во фудбалот не само во Франција.

„Имаме европски првак на работ на банкрот, ние сме светски прваци, но со една избрзана одлука и една епизода покажавме дека не сме фудбалска земја. Фудбалот очигледно е многу помалку важен во однос на нашите четири големи ривали во Европа, Англија, Италија, Шпанија и Германија“, смета Доминик Курдие.

Одлуката на француската фудбалска федерација за прекин на првенството очигледно донесе потполн хаос на клупски план, па Амиен, кој испадна веќе подготви тужба, истото го најави и Лион, екипа која по 25 години нема да игра во еврокуповите, а сега се појавува проблем и со солвентноста на клубовите.

Објавено е дека покрај Марсеј, големи проблеми со финансиите имаат и Бордо, Сент Етјен и Лил кои се на работ на банкрот, а со нив уште 13 прволигаши од вкупно 20 се во минус. Ова звучи многу лошо, а меѓу најзагрозените се двете екипи со најмногу титули во Франција, Марсеј и Сент Етјен, како ко-рекордери со по 10 пехари.

Француската влада најави дека ќе им помогне на клубовите со 200 милиони евра, но тоа е премалку за да се санираат финансиските дупки во буџетот на прволигашите.

- Оглас -

Најнови вести