Вербална војна меѓу Рој Кин и Бруно Фернандеш: Фрчат навреди, „лажго“, „магаре“…

Продолжува вербалната војна меѓу поранешниот и сегашниот капитен на Манчестер јунајтед. Откако Бруно Фернандеш го обвини Рој Кин дека лаже, легендарниот Ирец, изгледа, му одговорил со навредлива објава на социјалните мрежи.

Судирот започна откако Фернандеш постави нов рекорд во Премиер лигата со 21 асистенција во една сезона, што го оствари во победата против Брајтон од 0-3 во последното коло. Во пресрет на тој натпревар, Кин го критикуваше пристапот на Португалецот кон играта и начинот на којшто се обидува да дојде до рекордот.

Тој тврдеше дека во едно интервју слушнал како Фернандеш признава дека во некои ситуации намерно барал асистенција наместо да шутира кон гол. Кин заклучи дека Фернандеш со таков начин на размислување нема да освојува трофеи.

На сегашниот капитен на Јунајтед таквиот коментар не му се допадна, па во еден поткаст го обвини Кин дека лаже.
„Секогаш сум велел дека критиките не ми пречат. Ги прифаќам од секого и никогаш не сум одговарал на нив. Луѓето имаат свои мислења, мислат дека нешто е добро или лошо, како и да е“, рече Фернандеш.

„Но не ми се допаѓа кога луѓето лажат, а во овој случај, тоа што го кажа Рој Кин е лага. Или гледал некое друго интервју или едноставно не може да тврди дека сум изјавил нешто што не сум. За среќа, сè е снимено. Ги прифаќам критиките, прифаќам дека како играч или личност не му се допаѓам. Но не ми се допаѓа кога ми става зборови во уста. Тоа е единственото што ме вознемирува“, порача Португалецот.

Откако интервјуто на Фернандеш се прошири низ медиумите, изгледа следувала и реакција од поранешниот играч од средниот ред. Кин на своето „стори“ на „Инстаграм“ објавил слика на магаре со порака: „Премногу внимание и магарето ќе помисли дека е лав“. Многумина таа објава ја протолкуваа како директен одговор на капитенот на Манчестер јунајтед.

- Оглас -

Најнови вести