Верувајте во својот сон – Леонардо Спинацола е вистински пример

Леонардо Спинацола е јунакот во сенка на Јувентус, а подвигот на Старата Дама и елиминацијата на Атлетико Мадрид е слична на подвигот на левиот бек.

Момчето од Фолињо леташе на теренот против Атлетико Мадрид откако ја доби довербата на Макс Алегри да игра од почеток и не им даде на офанзивците на гостите да мрднат. Беше и офанзивен, одличен и има голем придонес во анулирањето на незгодната негатива од 0-2 од Мадрид, за конечен триумф од 3-2 на Јуве и пласман во четвртфиналето во ЛШ.

Во кариерата воопшто не му одеше мазно и дури 7 пати одеше на позајмица, откако како позајмен играч од Сиена во 2012 година пристигна во Јувентус.

Оттогаш редовно беше вишок за сите тренери кои го предводеа Јувентус, па Спинацола играше за Емполи, Ланчијано, повторно за Сиена, па за Аталанта, Виченца, Перуџа и повторно за Аталанта. Вистински фудбалски патник, и тоа секогаш како позајмен играч од Јувентус.

Конечно лани летото се врати во редовите на Старата дама, но имаше нов голем малер. Ги истегна вкрстените лигаменти, а беше и на прагот да замине на нова позајмица во Болоња. Сепак, се избори да остане во Јуве, а дебитираше во ЛШ вчера и прикажа врвна фудбалска претстава. Спинацола има само 25 години и со упорноста и огромната желба потврди дека секој сон може да се исполни. Има и пет настапи за селекцијата на Италија.

„Уште не верувам дека дебитирав на таков голем меч за Јувентус. Ми се исполни сонот и нема посреќен човек од мене. Верувам дека ќе продолжам да се докажувам и дека ќе играм уште подобро“, изјави 25-годишниот лев бек на Јувентус.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести