На минатото Европско првенство учествуваше и Македонија. На овој шампионат ќе дебитираат селекции како Грузија, Албанија, па дури и Србија, која во минатото била учесник како дел од поранешна Југославија.
Директорот на Европското првенство, Филип Лам, има посебни симпатии кон овие селекции, а ги искажа во ексклузивен разговор за „Спортманија“ во Минхен, пред почетокот на ЕВРО 2024.
„Ги одборојуваме последните часови до почетокот на турнирот. Подготвени сме максимално и се надевам дека ќе уживаме во добар фудбал, многу возбудувања и дека цела Европа ќе се фокусира на најважната споредна работа на светот. Фудбалот треба да нѐ обединува, да гради нови пријателства, се надевам дека ќе бидеме добар пример и за некои политичари кои во последниот период носат многу грижа за Европа и за светот. Но, сега е време да се посветиме целосно на фудбалот“, вели Филип Лам во разговорот за „Спортманија“.
Германците се надеваат дека можат да имаат добар турнир и дека можат да одат далеку, па дури потајно посакуваат и финале. Проценката на Филип Лам е дека Германија може речиси сигурно да дојде до полуфиналето.
„Турнирскиот систем отсекогаш бил предност за Германија. Се сеќавам на 2014 година, и тогаш не бевме најголеми фаворити, но кога почна натпреварувањето едноставно нѐ носеше нашиот дух. Германија отсекогаш имала победнички менталитет и јас искрено верувам и во овој наш тим. Во најмала рака мислам дека ќе стигне до полуфиналето, а зошто да не и до финале“, истакна Филип Лам.
Покрај својот национален тим, Лам има симпатии и кон селекциите кои ќе бидат дебитанти. Не сака конкретно да посочи, но смета дека може да има и некое пријатно изненадување на ова Европско првенство.
„Нема веќе мали селекции во Европа. Сите играат одличен фудбал, а во денешната ера на атлетизам, пресинг игра и нагласени физички карактеристики, и тие условно „мали“ селекции можат да се издигнат и да направат изненадување. Речиси сум убеден дека ќе имаме една таква селекција дури и во полуфиналето“, вели Филип Лам за „Спортманија“.
Европското првенство почнува за два часа, а Лам се надева дека Германија ќе оствари триумф против Шкотска.
„Секој што мисли дека ќе биде лесно, навистина не знае фудбал. Но, како Германец, како момче родено во Минхен кое целиот свој живот досега му го посвети на фудбалот, горд сум што Германија ќе го отвори турнирот во мојот град. И верувам дека момците ќе успеат да стигнат до победа, затоа што има во селекцијата навистина талентирани фудбалери, посебно оние во офанзивната линија од тимот“, заврши Филип Лам.