Вест хем и Евертон го канат Џеко во Премиер лигата

Босанскиот напаѓач Един Џеко, кој игра за Рома и наскоро ќе наполни 33 години, е интересен за англиските премиерлигаши, а најголема желба да го видат во своите редови има кај Вест хем и Евертон. Џеко има искуство од играње во Премиер лигата, за Манчестер сити даде 72 гола во периодот од 2011 до 2015 година.

Вест хем во Џеко гледа идеална замена за Австриецот Марко Арнаутовиќ, кој речиси сигурно ќе ги напушти „чеканите“. Арнаутовиќ има супер понуда од Кина, а тренерот Мануел Пелегрини смета дека Џеко би бил одлично решение за пополнување на празнината во нападот. Вест хем на Рома ѝ нуди отштета од 20 милиони евра, а на Џеко му нуди годишна плата од 4 милиони.

Но, на адреса на „римската волчица“ може да дојде понуда и од Евертон. Тимот од ливерпулскиот „Гудисон парк“ смета дека им треба токму играч како Џеко и до крајот на јануарскиот преоден рок се подготвени да го донесат во своите редови. Џеко и порано го поврзуваа со Евертон, но „карамелите“ не ни добија шанса бидејќи Рома не сакаше да чуе да го продаде својот прв голгетер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести