Видал ги знае магичните два збора за да ги збесне навивачите на Наполи (Видео)

Артуро Видал е играчот за кого најмногу се зборува по дуелот меѓу Наполи и Барселона во осминафиналето од Лигата на шампиони. Мечот на „Сан Паоло“ заврши 1:1, а Видал не беше меѓу стрелците. Темпераментниот Чилеанец во финишот на мечот само за неколку секунди успеа да направи два потега за да добие два жолти картони и автоматски да биде исклучен.

Борбениот играч на Барселона најпрво остро го фаулираше Фабио Руиз, а неколку секунди потоа двајцата влегоа и во конфликт. Видал прво доби жолт картон за опасниот фаул, а потоа и јавна опомена за расправијата со Руиз. Тоа значеше дека Видал мораше предвреме да си замине од теренот.

Лут на судиските одлуки, но и на публиката која со негодување го испрати играчот на Барселона, Видал реши дополнително да ја вжешти атмосферата. Додека заминуваше кон соблекувалните, тој на навивачите на Наполи им викна: Форца Јувентус, што беше поттик за уште поголеми свирежи и негодувања кон гостинскиот играч.

Видал не случајно го спомна Јувентус, затоа што тој пред да дојде во Барселона, четири сезони има играно за најтрофејниот италијански клуб и многу добро знае колку Старата дама е омразена во Неапол.

 

- Оглас -

Најнови вести