Вимблдон ќе исплати 10 милиони фунти на тенисерите за турнирот кој не се одигра

За прв пат во последните 75 години, сезонава нема да се одигра легендарниот Гренд слем турнир Вимблдон. Пандемијата со Коронавирусот е причина поради која нема да се игра неофицијалното светско тениско првенство. Овој турнир последен пат беше откажан поради Втората светска војна.

Доколку не се појавеше опасниот вирус, според распоредот предвиден уште пред почетокот на сезоната, денеска требаше да се играат полуфиналните дуели на Вимблдон. Токму денеска, организаторот објави дека иако турнирот не се игра, на тенисерите ќе им бидат исплатени 10 милиони фунти како помош за време на кризата од пандемијата.

Според планот, сите играчи кои по рангирањето на АТП требаше да бидат дел од главната ждрепка, ќе добијат по 25.000 фунти. Оваа сума е само ситно за најдобрите тенисери, но за оние играчи кои се под 128 место на АТП листата, може да биде вистински спас.

Секој од играчите кои требаше да биде дел од квалификациите ќе добие по 12.500 фунти, а секој од играчите во двојки ќе добијат по 6.250 фунти. Пари ќе добијат и сите оние судии кои требаше да бидат организирани за време на турнирот.

„Кога решивме да го откажеме турнирот, размисливме за тоа како да им помогнеме на тенисерите. Тие го создаваат нашиот турнир и затоа не смее да бидат заборавени. Мило ни е што можеме да им помогнеме на играчите, но и на сите оние останати кои се дел од турнирот“, вели извршниот директор на турнирот, Ричард Луис.

Според планот, до крајот на годината е планирано да се одиграат преостанатите два Гренд слем турнири во Франција и САД.

- Оглас -

Најнови вести