Вистината за тоа кој го смени името на Кошаркарската федерација (Фото)

Четири години по промената на кошаркарската власт во земјава и еден месец по реизборот, претседателот на Федерацијата, Перо Антиќ, првпат проговори за промената на името на Федерацијата, откако изминатите четири години тој често беше напаѓан дека го сменил името, најчесто од политички причини.

Антиќ гостувајќи на локална телевизија, изјави дека Македонската кошаркарска федерација (МКФ) го променила името во Кошаркарска федерација на Северна Македонија (КФСМ) на Изборното собрание кое се одржа на 15 мај 2019 година.

Шеста точка од дневниот ред на Собранието кое го водеше тогашниот прв човек на макбаскетот, Петар Наумоски, била промената на името, а последна изборот на нов претседател на Федерацијата, кога беше избран Антиќ за нов предводник на македонската кошарка.

„Од дневниот ред добро се гледа дека како шеста точка на Собранието е носење одлука за промена на називот на Федерацијата. Во тие моменти, Собранието го води тогашниот претседател Петар Наумоски.

Мојот избор за претседател е дури деветта точка, откако претходно беше констатиран престанок на функцијата на мојот претходник. Петар Наумоски појасни дека законска обврска на сите спортски федерации е да направат промена на називот. По препорака на Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет, даден е предлог за полн и скратен назив на Федерацијата. Називот на Здружението на граѓани е КОШАРКАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. Скратено име е КФСМ. Ваквиот предлог беше усвоен со 27 гласа ЗА“, рече, меѓу другото, Антиќ.

Кошаркарската федерација на Македонија е една од ретките спортски организации кои ги сменија називите по промената на името на државата. Тоа го направи и Олимпискиот комитет, но останатите федерации, главно, ги задржаа старите имиња.

- Оглас -

Најнови вести