Вистински Џек е Мериот – Потпишуваше договори на еден месец, сега го одведе Дерби на „Вембли“

Џек Мериот е играч на натпреварот во реваншот против Лидс, тој беше незадржлив за слабата одбрана на ривалот од Јоркшир и со два гола беше најзаслужен за победата на Дерби каунти од 4:2. Доволна за пат кон „Вембли“ и финале со Астон вила, во големата пресметка што ќе го одлучи третиот патник за Премиер лигата.

Приказната за 24-годишниот напаѓач на Дерби е многу интересна, а тој е еден од фудбалерите во Англија со најдолг стаж како позајмен играч.

Почна во Ипсвич во 2013 година, на возраст од 18 години, но многу брзо беше позајмен на Вокинг, тогашен член на една од Конференциите во Англија.

Позајмицата беше интересна, со рок од еден месец и со клаузула во рок од 24 часа Мериот да може да се врати во Ипсвич. Во таборот на некогашниот победник на УЕФА купот веруваа, но и не веруваа во неговите квалитети, па Мериот мораше да се бори и да докажува дека има квалитет за да игра во некоја од позначајните лиги во Англија.

Постигнуваше голови за Вокинг, па потпиша уште еден едномесечен договор, а потоа се пресели во Гилингам, пак на позајмица.

Потоа следеа нови куси епизоди повторно во Вокинг, па во Карлајл јунајтед, повторно назад во Вокинг и завршната позајмица во Колчестер јунајтед.

Конечно, во 2015 година Мериот „се скраси“ на подолг период во еден клуб, а изборот беше Лутон. Почна почесто да ги тресе и мрежите и по двегодишен престој на „Кениволт роуд“,  во 2017 година се пресели во Питерборо.

Таму имаше одличен третман, а возврати со голови, и тоа 33 на 56 одиграни натпревари. Во сезоната 2017/18 доби три награди. Беше прогласен за најдобар фудбалер во изборот на навивачите во Лига еден во Англија, потоа и најдобар во изборот на фудбалерите, односно неговите колеги, а беше прогласен и за најдобар играч на гостински терен.

Тоа беше знак за раководството на Дерби каунти да го ангажира и од лани летото Мериот е играч на клубот што е на еден чекор до Премиер лигата, со потпишан тригодишен договор.

Врв на кариерата досега секако му се головите вчера против Лидс, за пат на Дерби на „Вембли“ и финале против Астон вила и голот што му го даде на Манчестер јунајтед во популарниот „Карабао куп“ во септември лани на „Олд Трафорд“, кога Дерби по подоброто изведување на пеналите, го елиминира славниот клуб.

 

- Оглас -

Најнови вести