Шејн Витингтон првпат во Гевгелија, но тројца се како дома

Македонската кошаркарска репрезентација денеска во салата „26 Април“ во Гевгелија ќе ги има двата најважни тренинзи пред утрешниот дуел со Косово од претквалификациите за Евробаскетот 2021 година. „Црвено-жолтите“ првпат ќе играат еден официјален меч во овој наш град во јужниот дел на Македонија, но поддршката од преполните трибини нема да изостане, па непознавањето на условите во салата и нема да биде толку голем проблем.

Натурализираниот Шејн Витингтон е мотивиран и ја чека својата прва победа во дресот на македонскиот национален тим, но за него ова ќе биде прво запознавање со салата во Гевгелија. Тој за разлика од колегите, никогаш не играл во „26 Април“, а од него се очекува да биде од голема помош во битката во рекетот.

Од друга страна, тројца кошаркари во Гевгелија се како дома, бидејќи во дел од кариерите имаат играно за гевгелиски Кожув, клубот кој настапува како домаќин во објектот во кој ќе го пречекаме Косово. Димитар Караџовски од 2012 до 2014 година беше член на Кожув, Стојан Ѓуроски во сезоната 2015/2016, а Бојан Крстевски во 2016/2017.

Селекторот Јорданчо Давитков на располагање има 14 кошаркари, и вечерва ќе треба да пресече кои 12-мина ќе бидат во составот за дуелот со Косово закажан за утре од 17.45 часот.

- Оглас -

Најнови вести