Влатко Стојановски ќе биде награден за голот против Австрија: Вечерва ќе биде стартер против Израел

Влатко Стојановски имаше одлично деби во националниот дрес и во дебитантскиот настап против Австрија, а го даде и првиот гол. Стојановски на дуелот во Виена влезе на местото на повредениот Александар Трајковски во 13-тата минута и покажа дека не случајно направи милионски трансфер од Ренова во францускиот Ним.

Напаѓачот лесно влегуваше во шанси, неколку пати го загрози голот на Австрија, а неговата добра игра ја круниса со погодок во 93-тата минута. Според најавите, Стојановски вечерва ќе биде стартер на дуелот против Израел и ќе биде најофанзивниот играч во формацијата 4-2-3-1 на селекторот Игор Ангеловски.

Се очекува зад Стојановски, офанзивно по страничните позиции да делуваат капитенот Пандев и Елмас, а Барди да биде во средината. Дефанзивни играчи за врска треба да бидат повратникот Николов и Костадинов, додека пред голманот Димитриевски во одбранбената четворка се: Ристовски, Муслиу, Велковски и Ристевски.

Македонија одигра 1:1 против Израел на гости во овие квалификации, а вечерва со евентуална победа може да го обезбеди третото место на табелата.

 

- Оглас -

Најнови вести