Албанија прогласи државен празник на денот на финалето во Конференциската лига

Албанската влада ја прогласи следната среда за државен празник, а тоа е денот кога главниот град Тирана ќе биде домаќин на финалето во Конференциската лига. Албанија за првпат ќе биде домаќин на едно вакво значајно финале во натпреварување на УЕФА, а победникот ќе биде подобриот од дуелот меѓу Рома и Феенорд.

„Главниот град ќе биде пешачка зона, како дел од мерките за безбедност, за овој настан, кој е еден од најголемите во Албанија, да се организира на високо ниво“, изјави министерот за внатрешни работи на Албанија, Бледи Чучи.

Најавите се дека ќе пристигнат голем број навивачи од Италија и Холандија, а според договорот, двата тима ќе добијат по 4.000 билети на стадионот кој има капацитет од 20.000 гледачи.

„Ги преземаме сите мерки за тој ден да биде свечен за сите, а не само за италијанските и холандските навивачи“, додаде Чучи.

Националната Арена во Тирана е пуштена во употреба во 2019 година, а во декември 2020 година УЕФА одлучи токму овој стадион да биде домаќин на историското прво финале во новото натпреварување на Европската куќа на фудбалот.

- Оглас -

Најнови вести