Во Бањалука ќе се играат само три кола, вечното македонско дерби ќе го чека третиот балон во АБА 2

Вечните македонски ривали Работнички и МЗТ Скопје ќе ја чекаат одлуката на раководството на АБА-лигата за да дознаат каде ќе го играат мечот од осмото коло во АБА 2 лигата.

Иако требаше да се игра во Бањалука, сепак одлуката е таму во вториот балон, по тој на Златибор, да се играат само три наместо планираните четири кола.

Во петтото коло, на 18 јануари Работнички ќе игра со Спарс, додека еден ден подоцна МЗТ Скопје ќе го има за противник Хелиос.

Следната рунда е закажана за 20 21 и 22 јануари и повторно ден порано, на 21 јануари Работнички ќе игра со Горица, додека 24 часа подоцна МЗТ ќе се обиде да ја победи Слобода Ужице.

Последното, седмо коло во Бањалука ќе донесе два меча на нашите екипи во ист ден, на 24 јануари, кога Работнички за ривал ќе го има Златибор, а МЗТ Скопје ќе му се спротивстави на Студентски центар.

По четири кола, лидер е Студентски центар како единствена екипа со сите четири победи. На второто место е МЗТ Скопје со три победи и еден пораз во група со уште три екипи со идентичен учинок.

Работнички е на деветтото место со по две победи и порази, колку што имаат уште три клуба во конкуренција на вкупно 14 екипи.

 

- Оглас -

Најнови вести