Вечерва почнува финалето во регионалната кошаркарска АБА 2 лига, во кое скопски ТФТ ќе води битка со Широки за место во главната АБА-лига во следната сезона. Првакот на АБА 2 директно влегува во елитното друштво, каде што го чекаат гиганти како Црвена ѕвезда, Партизан, Будуќност, Цедевита Олимпија, а поразениот финалист ќе има уште една шанса, ќе игра бараж против претпоследниот од АБА (Борац Чачак или СЦ Дерби).
Финалето во АБА 2 лигата се игра во две победи. Денеска од 20.30 часот во Широки во близина на Мостар е првиот меч, вториот меч ќе се игра на 29 април во Скопје, а евентуалната мајсторка на 6 мај повторно во салата „Пецара“ во Широки. ТФТ еднаш сезонава гостуваше таму во ноември и загуби со 72-85. Но, ова е финале и нешто сосема друго.
„Исклучително тежок предизвик против противник кој игра модерна и одлична кошарка. Потребна ни е голема концентрација и внимание на детали, особено во дефанзивната транзиција во обид да не се дозволат лесни поени на противникот. Сигурен сум дека ќе го дадеме нашиот максимум во обид да стигнеме до позитивен резултат“, најавува тренерот и прв човек на ТФТ, Боро Смилковски.
„Мислам дека ова финале може да заврши во двата правци. Се подготвуваме и ќе направиме сѐ што можеме за повторно да славиме тука, на домашен терен. Дали сме се подготвиле добро или не, ќе видиме вечерва. ТФТ навистина има многу квалитетни странски и домашни играчи кои даваат сѐ од себе, особено Ташовски, кој во последно време е во подем, Зафиров, а потоа и практично сите четворица Американци што ги имаат. Сите тие се закана“, рече тренерот на тимот на босанските Хрвати, Маријан Багариќ.

