Во Берлин паѓа и последниот ѕид, овојпат фудбалскиот

Денеска е историски ден за фудбалот во Берлин, бидејќи за првпат во првата Бундеслига ќе се сретнат две екипи од главниот град на Германија. Унион Берлин ја пречекува Херта, а иако се градски ривали, досега имаат играно само четири официјални меѓусебни средби и тоа во понизок ранг, никогаш во првата лига.

Првиот пријателски меч им беше во 1990 година, за да го прослават падот на ѕидот, но дури денеска првпат ќе играат меѓусебе во највисокиот ранг.

За време на Студената војна, овие тимови не играа еден против друг, бидејќи Херта беше од западниот дел на Берлин, а Унион му припаѓаше на источниот и играше во лигата на некогашна ДР Германија. Многу навивачи беа одвоени со ѕидот кој падна на 10 ноември 1989 година, а денеска повторно може да се видат едни со други на различни трибини.

ИАКО СЕ ГРАДСКИ РИВАЛИ, КАЈ НАВИВАЧИТЕ НЕМА ОМРАЗА, ТУКУ ПРИЈАТЕЛСТВО

Најавите се дека околу 2.500 фанови ќе ја бодрат Херта, но нема омраза помеѓу навивачите на двата тима. Напротив, падот на ѕидот ги зближи, и навивачите на Херта со симпатии гледаа кон клубот Унион, бидејќи името Унија асоцира на заедништво. Најголемиот ривал на Унион беше Динамо Берлин, клубот кој го раководеа луѓе на тајната полиција Штази. Затоа Унион се сметаше за непријателски клуб на Источна Германија во тоа време.

Сепак, денеска никој нема да сака да загуби во првото историско берлинско дерби, и нема да биде сеедно со каков резултат ќе заврши мечот.

Берлин често го критикуваат дека нема врвен тим каков му прилега на главен град на голема европска земја, но сега барем добива градско дерби, какво што веќе со децении имаат други европски престолнини.

- Оглас -

Најнови вести