Во еден ден од неделата Меси никогаш не дал гол во Примера дивисион

Кога ќе се спомене името на Лионел Меси, асоцијацијата е на многу рекорди во Шпанија, но и на светско ниво. Аргентинецот и синоќа постигна погодок, во победа од 3:1 против Рајо Вајекано. Со овој гол, Меси само го подобрува рекордот по бројот на погодоци во шпанското првенство. Моментно е застанат на бројката 409.

Интересно е што синоќа успеа по јубилеен 200-ти пат да погоди во Примера на меч кој се игра во сабота. Кога Барселона игра во недела, Меси има дадено 168 голови. Во останатите денови, Барселона многу поретко игра и затоа билансот на постигнати погодоци е многу помал. Во средите има дадено 18 гола, во вторниците погодил 16 пати, а во четврток има дадено само четири гола. Во мечевите од понеделник, Меси погодил само три пати во првенството, а неверојатен, но вистинит е податокот дека капитенот на Барселона досега никогаш нема дадено гол за Барселона во Примера дивисион во петок. Тоа е и денот кога Барселона и најретко ги игра своите мечеви во Примера дивисион.

Инаку, со 26 голови и 12 асистенции, Меси сезонава е најдобар стрелец и најдобар асистент во сите пет најдобри лиги во Европа.

- Оглас -

Најнови вести