Во ера на ковид-19, се гордееме со струмичкиот „ГП-19“

Пласманот на Европското првенство во фудбал ни го донесе голот на Горан Пандев, 37-годишната легенда на која и викендов ѝ се поклонија сите стручњаци и љубители на фудбалот во Италија, на ексјугословенските простори и пошироко.

Горан покажува дека годините ништо не му можат. Тој на 30-годишна возраст планираше да престане со играње за репрезентацијата, но, за среќа, селекторот Игор Ангеловски го убеди да се врати во националниот тим. Сега Пандев има 37 години и воопшто не е послаб од времето кога имаше 30. Катастрофа ќе беше ако го загубевме како репрезентативец уште на 30-тина години бидејќи се покажа дека има уште многу да понуди.

Со двата гола кои ги даде за Џенова против Наполи, Пандев дојде на три гола од 100-ка во Серија А. Долго време е таму, но неговата главна задача не е да постигнува голови, туку да асистира. Многумина им се воодушевуваат на Кристијано Роналдо, кој пред некој ден наполни 36, и на 39-годишниот Златан Ибрахимовиќ, нивните голгетерски бројки се неверојатни, но меѓу најдобрите ветерани е и Пандев, кој е највозрасен играч во Топ 5 лигите барем со два гола и најмалку две асистенции сезонава. Струмичката 19-ка игра за тимот кога треба да се додаде, да се асистира, кога ќе се најде во шанса за гол, не простува и тресе мрежи. Навистина треба да размисли дали дефинитивно ќе стави крај на играчката кариера по Европското првенство.

ЛИВЕРПУЛ „ИЗДИШАН“, ТИТУЛАТА ВЕРОЈАТНО СЕ ВРАЌА ВО МАНЧЕСТЕР

Поделеноста на обложувачите околу тоа дали ќе победи Ливерпул или Манчестер сити во вчерашното дерби покажа дека имаше доста луѓе кои веруваа во Црвените, но се покажа дека во моментов тие се далеку од одбрана на титулата.

Уште на стартот на сезоната, кога примија три гола од новакот Лидс, и тоа кога беа со комплетен состав, се виде дека Ливерпул се опуштил по ланската титула. Тимот на Клоп има квалитет, но изгледа ја загубија мотивацијата. Дома беа непобедливи со години, а сега не можат никого да добијат. И киксевите на Алисон, кој беше виновник за двата клучни гола на Сити, се доказ дека многумина во Ливерпул се надвор од форма.

Манчестер сити има сè во свои раце и веќе никој друг не може да ја освои титулата во Премиер лигата, може само Граѓаните да ја загубат со некоја долга црна серија, а тоа во моментов делува невозможно.

ЧОВЕКОТ КОЈ Е ПОГОЛЕМ ОД ЛИГАТА ВО КОЈАШТО ИГРА

Барем еден ден во годината вниманието на американската спортска јавност е фокусирано кон НФЛ-лигата и Супербоулот, а овој настан станува популарен и во повеќе земји низ светот. Титулата ја освои Тампа Беј баканирс, иако беа аутсајдери против Канзас Сити чифс според квотите во обложувалниците.

Но, може ли тим во кој игра легендата Том Брејди да биде аутсајдер? Се покажа дека не. Брејди е човек кој во Тампа Беј го донесе својот шампионски менталитет и од тим кој 13 години не знаеше како е да се игра плејоф, не само што играше плејоф, туку стигна и до титулата. Неверојатниот Брејди има 43 години, но уште е најдобар во својот спорт.

За Брејди ова е седма титула во кариерата, а најтрофејнитe клубoви во НФЛ имаат по шест шампионски трофеи (едниот е Њу Ингланд пејтриотс, кој шесте титули ги освои кога за нив играше Брејди). Замислете некој фудбалер да има 14 титули во Лигата на шампионите. Ете толку е голем Брејди.

- Оглас -

Најнови вести