Во фудбалот има рекорди кои ниту Роналдо, ниту Меси ниту кој било друг нема да ги урне

Голот број 700 кој го постигна Кристијано Роналдо ги мотивираше статистичарите да ископаат податоци од историјата на фудбалот и да покажат дека има рекорди кои никогаш нема да бидат соборени. Ако еден Роналдо или Лионел Меси се на 100 и кусур голови од првиот стрелец во историјата, што останува за другите.

Еве дел од светските рекорди, а проценете кој од нив е „недопирлив“.

НАЈМНОГУ ОДИГРАНИ МЕЧЕВИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА – 184

Ахмет Хасан од Египет е рекордер по број на настапи за националниот тим, но тој сигурно ќе биде симнат од врвот. Серхио Рамос има 168 и уште е активен, би се рекло и незаменлив во Црвената фурија, па освен ако не се случи нешто несакано, капитенот на Шпанија може да дојде и до 200 настапи за репрезентацијата. Кристијано Роналдо за Португалија играл 162 пати, па и мераклијата за персонални рекорди може да игра уште долго, додека не биде прв.

НАЈМНОГУ ОДИГРАНИ МЕЧЕВИ – 1.390

Легендарниот англиски голман Питер Шилтон бранеше на 1.390 официјални натпревари во кариерата и го држи рекордот на фудбалер со најмногу настапи. Подиумот го комплетираат Рожерио Сени со 1.241 и Чави со 1.140. На Шпанецот му се бројат и мечевите за Барселона Б. Ова е еден од рекордите кои нема да биде лесно да се урнат.

НАЈМНОГУ ГОЛОВИ НА ЕДЕН МУНДИЈАЛ – 13

Жист Фонтен на СП во 1958 година даде дури 13 гола и тоа е рекорд кој стои веќе 60 години, иако сега се играат повеќе натпревари. Најмногу му се доближи Роналдо со 8 гола во 2002 година. Инаку рекордер на светските првенства е Мирослав Клозе со 16. Меси и Роналдо заедно имаат 15, а следниот Мундијал во Катар им е последна шанса да направат нешто.

НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ЗА ЕДЕН ИГРАЧ – 805

Чешкиот Австриец Јозеф Бичан, кој играше пред ималку по Втората светска војна, со 805 погодоци е најефикасниот фудбалер на сите времиња. Од активните, најблиску до него се Кристијано Роналдо со 700 и Лионел Меси со 668.

НАЈМНОГУ ГОЛОВИ НА ПОЕДИНЕЦ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА – 109

Али Даеи од Иран е единствениот фудбалер во историјата со повеќе од 100 голови за националниот тим. Но, Кристијано Роналдо има 95 и можеби ќе го нападне рекордот. Меси има 68 гола за Аргентина и е далеку зад нив, а 27-годишниот Нејмар има 60.

НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ЗА ИГРАЧ ВО ЕДНА ГОДИНА – 90

Лионел Меси во календарската 2012 година даде неверојатни 90 гола и со тоа го надмина рекордот на Герд Милер од 1972, кој беше 85. Меси е најдобар и според головите во една сезона (82), што е за седум подобро од Пеле.

НАЈМНОГУ ТИТУЛИ ВО ЛШ И КЕШ – 6

Некогашниот фудбалер на Реал Мадрид, Франциско „Пако“ Генто, засега е единствениот играч со шест трофеи од најсилното клупско натпреварување во Европа. Од активните играчи, Кристијано Роналдо има пет титули во ЛШ и засега тој е прв на листата кои би можеле да го загрозат Генто. По четири трофеи имаат Меси, Пике, Рамос, Марсело, Варан, Крос, Бензема, Карвахал, Иско, Начо, Модриќ, Каземиро и Бејл.

НАЈМНОГУ ОСВОЕНИ МУНДИЈАЛИ – 3

Кралот на фудбалот, Пеле, со Бразил стана светски првак во 1958, 1962 и 1970 година. Кристијано Роналдо, Меси, Кројф и Ди Стефано се меѓу легендите кои никогаш не станаа светски прваци, па со тоа се гледа дека е тешко трипати да се биде на врвот на светот со својата репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести