Во Истанбул имаше и трето полувреме – Јаховиќ се изнервира, па се степа со Сари

Адис Јаховиќ пак постигна гол, игра во топ-форма и е прв стрелец во силната турска лига, но беше вклучен во инцидентот по мечот меѓу Касимпаша и Јени Малатијаспор, по кој мораше да интервенира и полицијата.

Мечот во Истанбул беше одличен и заврши со резултат 2:2, а Јаховиќ и соиграчите примија гол во 93. минута и ги загубија трите бода што веќе им беа в џеб.

Јаховиќ го постигна првиот гол за Малатија во 61. минута,а потоа речиси го принуди Вејсел Сари да си постигне автогол во 68. минута за целосен пресврт и предност на гостите од 2:1. Оттука почна и кавгата на Адис и Сари, а продолжи по завршувањето на мечот со физичка пресметка во тунелот.

Реагираше и полицијата, па спречи поголем инцидент. Јаховиќ игра во страшна форма и веќе постигна 9 голови на 10 меча за Малатија во првенството, а беше ефикасен и во квалификацииите за Европа лигата што неговиот тим ги играше летоска.

Нашиот поранешен репрезентативец е еден од најдобрите играчи во најсилната турска лига и ко-лидер на листата со најдобри стрелци со Папис Сисе.

- Оглас -

Најнови вести