Во Мерцедес признаваат немоќ, Ферстапен сезонава како да се трка против болиди од Формула 2

Шефот на Формула 1 тимот Мерцедес, Тото Волф, призна дека Ред Бул и Макс Ферстапен се толку доминантни годинава, што делува како Холанѓанецот да се трка со болиди од Формула 2 шампионатот.

Ферстапен кој на досегашните 11 трки годинава, победи девет пати, а двапати беше втор зад тимскиот колега Серхио Перес, вчера триумфираше со 33 секунди предност пред вториот, што е најголема разлика годинава во Ф1.

„Ова е меритократија, вадат максимум и не излегуваат од правилата. Ние ќе продолжиме да се бориме да победуваме, но гледаме што се случува, Макс е пребрз. Делува како да тркаат болиди од Формула 2 против неговиот од Формула 1“ – вели Австриецот Волф.

Пуленот на Волф, Луис Хамилтон, вчера тргна од пол-позиција, но стартуваше катастрофално, и на крај не беше ни на подиумот меѓу првите тројца.

Ред Бул има низа од 12 победи по ред што е рекорд во Формула 1, последен што победил на трка, а да не е Ферстапен или Перес, беше Џорџ Расел од Мерцедес на ланската трка во Бразил. Сега пред Ред Бул е нов предизвик, да станат првиот тим во историјата кој победил на сте трки во една сезона. Имаат 11 по ред, остануваат уште 11, наредната е веќе претстојниот викенд на Спа во Белгија.

- Оглас -

Најнови вести