Во НБА се без осет: Додека играше, дозна дека е даден во друг клуб, реакцијата кажува сè (Видео)

Во НБА-лигата е последниот ден од преодниот рок и сите се во исчекување за тоа дали ќе има договор меѓу ЛА лејкерс и Њу Орлеанс за Ентони Дејвис. Додека преговорите за овој мегатрансфер се во прекин поради тоа што Њу Орлеанс бара повеќе од тоа што Лејкерс го нуди, се случија неколку трансфери.

Најинтересна е размената на Далас и Сакраменто. Додека Далас играше против Шарлот, се дозна дека е постигнат договор Харисон Барнс да си замине од клубот за да може да дојдат Зек Рендолф и Џастин Џексон од Сакраменто. Откако трампата беше договорена, Барнс беше повлечен од игра и до крајот на мечот не влезе да игра за Далас.

Во размената на играчите нема ништо спорно, освен тајмингот кога се случува тоа. Додека играше за Далас, Барнс разбра дека од наредниот меч ќе го носи дресот на Сакраменто, затоа што така одлучиле од клубот. Реакцијата на Барнс додека седеше на клупата за резерви покажува дека воопшто не му е сеедно за тоа што го слушна.

По повод ваквиот начин на трампање на играчи, со реакција се јави и Леброн Џејмс.

„Сега е во ред да се трампа играч, додека тој буквално е на теренот и игра. Не сакам да приговарам бидејќи знам дека тоа е бизнис и мора да го направиш тоа што мислиш дека е најдобро, но не сакам тогаш да слушам дека играчите биле себични кога тие ќе решат дека треба да го напуштат клубот затоа што сметаат дека тоа е подобро за нив. Искрено мене и едното и другото ми е во ред, но не треба да бидеме лицемерни“, напиша Џејмс.

- Оглас -

Најнови вести