Во Њујорк скандираа „Го сакаме Кајри“, Ирвинг ги декласира Никс

Бостон селтикс се пресилни во моментов за Њујорк никс, со победа од 113:99 во „Медисон Сквер Гарден“ ја покажаа разликата во класа, но симпатизерите на тимот од Големото Јаболко се надеваат дека следната сезона ќе бидат многу посилни.

И во тоа би требало да им помогне Кајри Ирвинг, кошаркар кој доби овации од 19.700 гледачи во „Медисон Сквер Гарден“ ноќеска. Навивачите на Никс скандираа „Го сакаме Кајри“, а плејмејкерот блескаше на паркетот. Постигна 23 поени, имаше 10 скока и 6 асистенции и го предводеше Бостон до уште една победа.

Тој по завршувањето на оваа сезона ќе биде слободен агент, а челниците на Њујорк се надеваат дека ќе можат да го ангажираат во процесот на реновирање на тимот, што започна со трампата од пред некој ден. Го пуштија Ол-стар крилото Кристапс Порзингис во Далас, за да ослободат пари во буџетот и да се обидат да го доведат Кајри, или Кевин Дурант.

Ирвинг е еден од најдобрите бекови во НБА, а тоа го презентираше и ноќеска во „Медисон Сквер Гарден“.

Повторно блескаше и сезонава извонредниот Пол Џорџ со 43 поени за Оклахома во победата од 118:102 против Мајами хит, а нова одлична партија баскет одиграи Никола Јокиќ. Центарот на Денвер нагетс остана кус за една асистенција во обидот да забележи н ов трипл-дабл.

Повикот за првпат да игра на Ол-стар меч, Јокиќ го прослави со 31 поен, 13 скока и 9 асистенции и заедно со Малик Бизли, кој уфрли 35 поени беа главни креатори на победата на Денвер против Хјустон со 136:122.

Резултати: Шарлот хорнетс – Мемфис гризлис 100:92, Њујорк никс – Бостон селтикс 99:113, Мајами хит – Оклахома тандер 102:118, Јута џез – Атланта хокс 128:112, Денвер нагетс – Хјустон рокитс 136:122.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести