Во топ 5 лигите досега се потрошени над милијарда евра за трансфери

Секое лето во фудбалскиот свет се случуваат големи миграции. И ова лето не е исклучок. Се ближи крајот на јуни, а вкупната сума на потрошени средства за нови аквизиции во топ 5 лигите во Европа веќе ја надмина границата од една милијарда евра.

Ова го тврди британскиот медиум The guardiаn, а според нивниот записник, во најатрактивните лиги во Европа најмногу пари досега потроши Реал Мадрид. Трансферот на Еден Азар секако досега е најголем, Кралевите му исплатија 100 милиони евра на Челзи, додека дополнителни 40 милиони евра ќе бидат во бонуси.

Тринаесеткратниот европски првак ги доведе уште Лука Јовиќ за 65 милиони евра, Родриго за 54 милиони евра, 50 милиони евра се потрошени за Едер Милитао од Порто и уште 48 милиони за бекот на Лион, Ферлан Менди. Кралевите вкупно потрошија 317 милиони евра, но Зидан планира да доведе најмалку уште едно големо засилување.

Меѓу најскапите летни трансфери е и оној на Френки де Јонг во Барселона. Шпанскиот првак на Ајакс му „искешира“ 75 милиони евра за одличниот Холанѓанец.

Во Германија, првакот Баерн најмногу се потроши за претходно договорените трансфери на Лукас Ернандес (80 милиони евра) и Бенџамин Павар (40 милиони евра), а активни се и Милионерите од Дортмунд. Германскиот вицепрвак досега потроши 75 милиони евра за услугите на Торган Азар, Џуијан Брант и Нико Шулц.

Великаните од Англија допрва треба да се активираат на пазарот. Во Премиер лигата засега најголемо засилување е Пабло Форналс од Вилјареал, кој потпиша за Вест хем за сума од 30 милиони евра. Знаејќи дека преодниот рок во Англија завршува порано од другите, во краток период ќе се случат неколку најавени трансфери.

Малку активности има и во Серија А. Иако се најавени неколку засилувања, пред сè во Интер, Наполи и Јувентус, најатрактивно засилување на Апенините засега е Арон Ремзи, кој го напушти Арсенал и како слободен играч потпиша за Старата дама.

Во Франција сите чекаат ПСЖ да направи некоја „бомба“, но катарските шеици засега имаат поголеми проблеми наречени Нејмар и Мбапе.

До крајот на преодниот рок во Европа има уште два месеца, а сите се во исчекување на преселби на звучни имиња, како Матајс де Лихт, Пол Погба, Нејмар, Фелипе Кутињо, Антоан Гриезман – потенцијални трансфери кои можат двојно да ја зголемат вкупната сума на потрошени средства за фудбалери.

- Оглас -

Најнови вести