Воините му покажaа на Денвер кој е газда на Западот, Харден продолжува по старо

Шампионот Голден стејт вориорс славеше во дебрито на вечерта против Денвер нагетс со 122:105. Битката за лидерската позиција во Западната конференција заслужено припадна на „воините“, па сега имаат предност над Денвер со две победи повеќе.

Гостите немаа одговор за расположениот Клеј Томпсон, а цврстата одбрана и брзите контра-напади на Вориорс им овозможи рано да ја градат предноста. По неколку минути во првата четвртина домаќините остварија +19, а Денвер имаше еден обид да се врати во игра и го стори тоа за момент, на средина од вториот период кога поведе со минимални 36:37.  Сепак, со серија од 14-0 и неколку реализирани тројки Голден стејт експресно се врати во удобна предност, па до крајот не им дадоа шанса на гостите за нова неизвесност.

Томпсон заврши како најефикасен од редовите на шампионот со 39 поени и 9/11 шут за три поени, Дурант додаде 26 поени, Кари со скромни 17 поени за него. Кај поразените, по 17 поени имаа Морис и Бизли, 16 поени додаде Јокиќ.

 

Хјустон рокитс на погон на Џејмс Харден стигна до 40-тата победа совладувајќи го тимот на Филаделфија со 107:91. Слично како и Голден стејт, „ракетите“ сакаа што порано да ја завршат работата, па така во првото полувреме дојдоа до тогаш највисоки +20 и не му оставија простор на противникот да се врати во игра.

Џејмс Харден беше најефикасен со дабл-дабл од 31 поен и 10 скока, Капела придонесе со 18 поени, Гордон даде еден поен помалку (17). Тобајас Херис беше најрасположен од редовите на Филаделфија со 22 поени.

Резултати НБА:

Шарлот хорнетс – Вашингтон визардс 112:111

Орландо меџик – Далас маверикс 111:106

Чикаго булс – Детроит пистонс 104:112

Хјустон рокитс – Филаделфија севентисиксерс 107:91

Мемфис гризлис – Јута џез 114:104

Мајами хит – Кливленд кавалирс 126:110

Њу Орлеанс пеликанс – Торонто репторс 104:127

Голден стејт вориорс – Денвер нагетс 122:105

ЛА клиперс – Оклахома сити тандер 118:110

- Оглас -

Најнови вести