Воините се мачиња без Сплеш-брадрс – Шампионот е збришан во Њу Орлеанс со 45 поени разлика (Видео)

Голден стејт вориорс претрпеа опасна катастрофа од 45 поени разлика на гостувањето кај Њу Орлеанс пеликанс и поразот од 128:83 долго ќе биде црна дамка за тимот што ја брани титулата во НБА-лигата.

Некаква олеснителна околност е што не играа Стефон Кари и Клеј Томпсон, дуото познато како Сплеш-брадрс, но поразот е многу тежок.

Брендон Инграм со 34 поени ги предводеше домаќините до блескава победа, втора највисока во клупската историја на Њу Орлеанс.

Најубедливата победа им е против Минесота во ноември 2014 година со 48 поени разлика, а малку фалеше да го надминат рекордот.

Голден стејт сезонава игра мизерно на гости и има само една победа и дури 9 порази, а и вкупниот биланс им е негативен, 8-10, па моментно се надвор од позициите што водат во плејофот.

Неочекуван пораз претрпе и Бостон селтикс, екипата со најдобар биланс во лигата, 13-4.

Тејтум, Браун и дружината беа поразени од Чикаго булс на гостински терен со 121:107.

Сега Милвоки бакс може да се израмни со нив, а по победата ноќеска против Портланд со 119:111 Елените имаа скор 12-4.

Јанис Адетокумбо блескаше со 37 поени, 7 скока и шест асистенции. Милвоки е и најдобриот домашен тим со 9 победи и само еден пораз.

Останати резултати: Кливленд – Атланта 114:102, Индијана – Орландо 123:102, Минесота – Мајами 105:101, Оклахома – Њујорк 119:129, ЛА клиперс – Јута 121:114.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести