Една од најстарите навивачки групи во Македонија, Војводи од Тетово, денес го слават својот 35-ти роденден. Навивачите на Тетекс се формирани во далечната 1988-ма година и веќе 35 години опстојуваат на тифо-сцената и го бодрат својот клуб и во успесите и во неуспесите. Од пред распадот на поранешна Југославија, па се до денес, Војводи се сеќаваат и на натпреварите од првенствата на поранешната држава, преку првото првенство во независна Македонија, 16 години во Втората лига, па оние златни времиња со два Куп-трофеи и уште две загубени финалиња, две учества во европските фудбалски купови, но и овие последните осум години во кои клубот дури и испадна во Третата лига, па експресно се врати.
Оваа сезона Тетекс игра одличен фудбал, се наоѓа во самиот врв на второлигашката табела, дури и атакува на пласман на една од првите три позиции на табелата, а е воден токму од неговите навивачи, Војводите, кои го презедоа раководењето со клубот откако западна во тешка финансиска криза.
Денес во Тетово се очекува спектакл, гостува битолски Пелистер и вистинска штета е што натпреварот нема да се одигра онаму каде што и природно треба, на Градскиот стадион, туку ќе се игра на она мало стадионче на АМС, чија трибина сигурно ќе биде претесна да ги собере сите гледачи кои ќе дојдат да го проследат мечот помеѓу двата великани на Македонскиот фудбал, кои по случајност на судбината се натпреваруваат само во второлигашката конкуренција, иако според името, традицијата, но и армијата на навивачи местото им е во врвот на Првата лига.
Двојки – Втора лига – денес во 13 часот
Башкими – Арсими
Беласица – Караорман
Новаци – Кожуф
Охрид – Беса
Осогово – Вардар Н.
Победа – Скопје
Саса – Детонит
Тетекс – Пелистер
Денес ќе се одиграат и два натпревари од Првата фудбалска лига, на кои екипите на Шкупи како гостин и Македонија ЃП на домашен терен влегуваат како фаворити. Чаирчани гостуваат во Кратово кај Силекс, додека “лавовите“ од Ѓорче на домашен терен ќе го пречекаат Работнички во градската пресметка.