Враќањето на најдобриот – Сер Алекс на „Олд трафорд“

Најтрофејниот менаџер во историјата на Манчестер јунајтед, Сер Алекс Фергусон, на 26-ти мај ќе седне на тренерското столче на „Олд трафорд“ и ќе го води тимот на Јунајтед во ревијалниот натпревар против Баерн Минхен. Предвидената прослава ќе се одржи во чест на 20-годишнината од освојувањето на Лигата на шампионите, кога во 1999 година „црвените ѓаволи“ го освоија престижниот пехар во драматичниот меч против „баварците“.

„Тоа ќе биде посебен ден за сите, особено ми е драго што повторно ќе седнам на добро познатото столче. Ќе биде убаво да се сретнат познати лица, но и одлична прилика да се поддржи фондацијата“, истакна Фергусон.

Добро познато е култното финале на „Камп ноу“ од 1999 година, кога Јунајтед во судиското надополнување со головите на Теди Шерингам и Оле Гунар Солскјер го совлада Баерн и дојде до европскиот трофеј. Со тој пехар гигантот од Манчестер освои тројна круна, претходно беа осигурани Премиер лигата и ФА купот, достигнување кое ниту еден друг англиски клуб го нема остварено.

Покрај легендарниот стратег, на „Театарот на соништата“ присутни ќе бидат и играчите кои беа дел од шампионскиот тим, додека целиот приход од спектаклот ќе биде проследен во фондацијата на Манчестер јунајтед.

- Оглас -

Најнови вести