Вредеше да се чекаат и 27 години за патувањето од Крањ до Букурешт

Фудбалската машка сениорска репрезентација на Македонија ќе учествува на Европско првенство. Ова веќе не е само пуста желба, туку реалност која ќе ја живееме во јуни 2021 година.

„Тато, зошто ја нема Македонија?“ – беше прашањето кое многу деца им го поставуваа на своите родители кога првпат на телевизија гледаа СП или ЕП. Одговорот најчесто беше: „слаби сме“.

Таа инфериорност траеше долго. Се множеа поразите и разочарувањата, се менуваа селектори, се менуваа генерации, никако не успевавме ниту да се доближиме до сениорско ЕП. Младинците кои се пласираа на ЕП во Полска ни дадоа надеж дека тие се генерацијата која може еден ден да ни донесе место и на сениорското ЕП. Навистина беше така, во актуелниот тим има многумина од тој тим предводен од селекторот Благоја Милевски.

Кога ја победивме Словенија со 4-1 во пријателски меч во Крањ во 1993 година, имавме силен тим за кој верувавме дека може да се пласира на големо натпреварување. Екипата чиј костур го сочинуваа фудбалери од генерацијата која му донесе шампионска титула на Вардар во југословенската лига, не успеа да ја однесе репрезентацијата на Македонија на ЕП или СП и оние 1-1 со Данска во првиот официјален меч и потоа поразот дома од Шпанија како да ни ги скрати крилјата.

Речиси 30 години репрезентацијата се мачеше, разочарувањата се редеа од циклус во циклус, многу генерации веќе кренаа раце дека Македонија некогаш може да биде дел од елитата.

И тогаш, УЕФА донесе храбра одлука за формирање на Лига на нации со систем на натпреварување преку кој „малите“ ќе добијат прилика да станат „големи“. Ние ја искористивме таа прилика и следното лето Македонија ќе игра за ЕП, за разлика од една Норвешка со младите ѕвезди Халанд и Одегард, Србија која има играч во Реал Мадрид, ќе ја нема и Грција, која пред 16 години беше европски првак.

Од земјите кои се граничат со Македонија, ниту една нема да биде дел од настанот кој со голем интерес ќе се следи во цел свет. На љубителите на фудбалот во Србија, Косово, Албанија, Бугарија и Грција, им препорачуваме да не бидат љубоморни, туку нека навиваат за нас, како што ние сме ги поддржувале кога играле на СП или ЕП.

НА ЕП СО МРМЕ, ДОГОВОРОТ МОРА ДА МУ БИДЕ ПРОДОЛЖЕН

Раководството на ФФМ не смее ни да помисли да не му го продолжи договорот на селекторот Игор Ангеловски. Човекот кој многумина го критикуваат за изборот на играчи, цврсто веруваше во овие кои сега се во националниот тим и таа доверба даде резултат. Пред резултатите и Боговите молчат. Не смее да се заборави, Ангеловски пред пет години успеа да го врати Горан Пандев во репрезентацијата. Без тоа, тешко дека ќе зборувавме дека Македонија е учесник на ЕП.

Не, Ангеловски не треба да биде доживотен селектор, веројатно ни тој самиот не сака такво нешто, но договорот кој му истекува при крајот на годинава мора да му биде продолжен по секоја цена и тој е човекот кој мора да ја води репрезентацијата на ЕП. Сè друго би било фудбалско самоубиство.

АЛБУМОТ СО СЛИКИЧКИ ОД ЕП ЌЕ МОРА СЕКОЈ ДА ГО ИМА

Нема поголема радост и гордост од тоа да собирате албум со сликички од својата репрезентација. Ние во Македонија, 30 години не сме имале прилика да се менуваме со сликички од нашите. Во албумот од СП во Италија 1990 ги имаше Панчев и Станојковиќ како дел од југословенската репрезентација. Кога ќе се паднеше некој од нив, неизбежна беше насмевка на лицето. И тие што веќе не се деца, повторно ќе треба да се реактивираат и да собираат сликички. Овојпат насмевки ќе ни измамува кога ќе ни се падне Пандев, Елмас, Барди, Димитриевски, Ристовски и останатите од македонскиот тим.

Првпат играме на ЕП како самостојна држава, албумот ќе мора да се собира.

ШТО ПО ПАНДЕВ? ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ДА СЕ ОБЛОЖУВАМЕ НА ПОБЕДИ НА МАКЕДОНИЈА

Горан Пандев е лидерот на Црвено-жолтите, тој е човекот кој го одложуваше пензионирањето затоа што чувствуваше дека има прилика да заигра на ЕП. Инстинктот не го излажа, Гоче кој од мегаталент на Беласица, се пресели во големата Италија и таму стана легенда, заслужи да заигра на ЕП.

Неговиот гол во Тбилиси кој ја однесе Македонија на континенталниот шампионат е најважниот во историјата на нашата репрезентација. Историски гол ќе се врти уште долги години, исто како и оној првиот на Зоран Бошковски против Словенија и на Митко Стојковски против Данска, кои предизвикуваат ежење и ден денеска.

Многумина веруваат дека по повлекувањето на Пандев, Македонија уште долго ќе чека на ново учество на големо натпреварување. Сега сме поголеми оптимисти, ќе продолжиме да се обложуваме на победи на Македонија, како вчера кога без Пандев ја победивме Естонија. Иднината делува посветла, малерот е разбиен, нема да чекаме уште 27 години за ново ЕП, но ова првото секогаш ќе се памети и затоа ќе уживаме во секоја секунда од успехот.

 

- Оглас -

Најнови вести