Иџе Стефановски е живата македонска легенда во автомобилизмот, човекот што и покрај сите маки и хендикепи што ги носи со себе потеклото од мала земја, успева да победува на познатите патеки ширум Европа.
Викендов што измина приреди подвиг во Валелунга, Италија, со својот автомобил „хјундаи И-30“ во конкуренција на најдобрите италијански возачи и успеа да се искачи на тронот за прв триумф во ТЦР шампионатот.
УНИКАТЕН ФИЛИНГ – ПОБЕДА ВО ЛУЛКАТА НА АВТОМОБИЛИЗМОТ СО МАКЕДОНСКО ЗНАМЕ И ХИМНА НА ПИЕДЕСТАЛОТ
Вели дека проблемите и пречките само го мотивираат уште повеќе да биде успешен и рамноправно да се натпреварува со побогатите, со конкуренцијата, која има многу поголеми буџети, логистика, повисоки стандарди.
„Нема подобро чувство да победиш во лулката на автомобилизмот во Италија. Успеав да бидам прв меѓу елитата од 25 возачи, а кога си на највиското место на пиедесталот со знамето и химната на твојата држава, е посебен филинг“, вели популарниот Иџе.
Без размислување прифати да биде дел од хуманитарната акција на Спорт Манија и веднаш откри дека не е преголем фан на фудбалот.
„Во 2017 година по трката во Италија, бев на дербито меѓу Интер и Милан. Амбиентот беше прекрасен, тука нема збор, но некако немам нерви за долги натпревари. Веројатно ми останало навика од автомобилизмот, од моите трки кои се покуси, подинамични и за кусо време се одлучува сè. Сепак, морам да кажам дека дербито Дела Мадонина ми остави силен впечаток. Италијанците знаат да направат спектакл, а тој меч беше навистина спектакуларен“, раскажува Стефановски.
ЗА МАКСИМУМ АДРЕНАЛИН ДОВОЛНО Е ДА ВОЗИШ НА НИРНБУРГРИНГ – ИЏЕ УСПЕА И ДА ПОБЕДИ НА ПАТЕКАТА НА СМРТТА
Човекот што победуваше во Монца, во Имола, во Золдер на легендарните патеки во автомобилскиот спорт, сепак вели дека нема ништо подобро од триумф на патеката на смртта во Нирнбургринг, Германија.
„Да возиш и да победиш во Нирнбургринг, е уникатно чуство. Се сеќавам дека на првата трка бев седми, а потоа успеав да бидам прв во силна конкуренција. Ја минав беспрекорно најтешката патека и трка во Европа и бев пресреќен. Имало и тешки моменти, неодамна во Имола останав без кочници, па морав да се откажам. Сега е актуелна кризата со ковид-19, што ми прави проблеми и мене и на мојот тим. На последната трка минатиот викенд победив на патеката ’Валелунга’, каде што немав поддршка од моите соработници поради ограниченото движење со корона-вирусот. Сепак, ПМА тимот од Италија постави беспрекорен сетап и соработувавме одлично, што резултираше и со победа“, додава Иџе.
ЛИЦЕНЦА ЗА ФОРМУЛА 1 ИМА, НА ШЕГА ВЕЛИ: МИ ТРЕБА ЦЕЛ МАКЕДОНСКИ БУЏЕТ ЗА НАСТАП
Малкумина знаат дека Стефановски има лиценца и за Формула 1, со констатација дека до место во летечкиот и скап циркус тешко се доаѓа, особено за пилотите од помалите земји.
„Имам возено прототип болид за Формула 1, но за таму еве на шега ќе кажам дека ми треба цел буџет на Македонија. Има одлични возачи во мојот ранг на натпревари, секако и во останатите категории, но во Формула 1 важни се парите, буџетот. Со модерната технологија се напред, иако според мене, на пример, поинтересни се трките во Мото ГП класата. Па погледнете еден Ферари, легендарен тим во историјата на Формула 1 не може да парира за врвот. Секако дека и возачите треба да се врвни, но таму сè повеќе одлучува технологијата“, констатира нашиот најдобар автмобилист.
Сега се подготвува за следната трка во ТЦР во италијанскиот шампионат, а ќе вози на почетокот на ноември во Монца. Потоа следува завршницата со нов старт за Иџе на легендарната патека „Енцо и Дино Ферари“ во Имола на 21 и 22 ноември, во последната трка за овој циклус на натпревари во неговата класа.
Парите од хуманитарниот тикет што го состави Игор Иџе Стефановски ќе ги намени за помош на Клиниката за детски болести во Скопје.