Време е за тениска класика: Надал – Федерер во борба за финале на Ролан Гарос

Кога играат меѓу себе Роџер Федерер и Рафаел Надал, сите очекуваат тоа да биде уште еден интересен дуел на големите шампиони. Федерер е рекордерот по бројот на титули на Гренд слем турнирите (20), но кога се работи за меч на Ролан Гарос, тогаш нема дилема дека Надал е фаворит. Шпанецот има вкупно 17 Гренд слем титули, од кои дури 11 му се на земјените терени во Париз.

Овие две легенди на тенисот досега имаат играно 38 пати, што е трето најголемо ривалство во новата тениска ера. Повеќе меѓусебни средби имаат одиграно само Надал – Ѓоковиќ (54) и Федерер – Ѓоковиќ (47). Кога се работи за меѓусебните дуели, Надал е подобар. Шанецот има 23 победи, додека Роџер се радувал на 15 меча. И во вкупниот број на освоени сетови, Рафа е во предност (67:50).

Неверојатно колку Надал против секој ривал, па и против Федерер е доминантен на земја. Вкупно 15 пати играле на оваа подлога, а Рафа има 13 победи, додека Федерер само двапати се радувал. На Ролан Гарос билансот е 5:0 за Надал. И во вкупниот биланс на мечеви на Гренд слем турнирите, предноста е за леворакиот играч (9:3).

Откако наполнија 30 години, Швајцарецот има четири титули на Гренд слем турнирите, а неговиот денешен противник подигнал три толку значајни трофеи. Победникот од денешниот меч, на најновото рангирање на АТП-листата ќе се најде на второто место, додека поразениот ќе биде трет.

Во второто полуфинале, најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ќе игра против Доминк Тим од Австрија. Ѓоковиќ има 26 победи по ред на Грен слем турнирите и се обидува по втор пат во кариерата да стигне до „Ноле Слем“, односно сите четири Гренд слем турнири да бидат во негова сопственост.

Во досегашните осум меча против Доминик, Србинот има шест победи и само два порази. Сепак, надежта за Австриецот е тоа што двете победи ги има забележано на земјена подлога.

 

- Оглас -

Најнови вести