Магичниот Вучевиќ ги скроти Биковите со импресивен дабл-дабл од 43 поени и19 скока

Орландо меџик ја прекина серијата од четири порази по ред, успеа да го победи шесткратниот НБА првак Чикаго булс со 123:119 во меч на кој брилјираше Никола Вучевиќ.

Црногорскиот репрезентативец одигра фантастично и си го подобри лилниот рекорд со 43 поени, а притоа имаше и 19 скока.

Вучевиќ погодуваше со речиси 60-процентна ефикасност, даде и четири тројки, што е одличен ефект за центар и сигурно го предводеше тимот до деветтата победа сезонава на 24 натпревари.

Тој е само третиот кошаркар во клупската историја на популарните Меџик што успеал на ист меч да ја мине границата од 40 поени и 15 скока. Пред него таков подвиг имаат само Шекил О`Нил и Двајт Хауард.

Одлична ноќ имаа и играчите на Јута џез во 18-та победа сезонава во НБА лигата. Го декласираа Шарлот хорнетс со 138:121 и го урнаа клупскиот рекорд со 26 погодени тројки.

Ламело Бол со 34 поени беше најефикасен, што му е и личен рекорд, а тројкашите ги предводеше Бојан Богдановиќ со 7 прецизни удари од далечина. Хрватот постигна 31 поен, еден повеќе од Донован Мичел во трилингот кошаркари на Џез што имаа 30, или повеќе поени.

Јута е лидер во НБА со биланс 18-5, а против Шарлот ја забележа 13-та победа на последните 14 натпревари.

Резултати: Орландо – Чикаго 123:119, Индијана – Њу Орлеанс 113:114, Бруклин – Торонто 117:123, Кливленд – Милвоки 105:123, Шарлот – Јута 121:138, Мајами – Вашингтон 122:95, Оклахома – Минесота 103:106, Феникс – Детроит 109:92, Лос Анџелес клиперс – Бостон 115:119.

 

 

- Оглас -

Најнови вести