Вујовиќ: Вардар е поим и симбол за СЕХА-лигата, ќе сториме сè да одиме на јубилеен фајналфор

Веселин Вујовиќ е оптимист и очекува Вардар успешно да го прегрми реванш-мечот против Загреб задутре на гостински терен и по десетти пат да се пласира на јубилејниот фајналфор турнир на СЕХА-лигата што ќе се игра во Задар.

Вардар победи со 24:20 во Скопје и ќе патува со позитива од 4 гола во главниот град на Хрватска со цел да биде поуспешен од големиот ривал и да го задржи континуитетот од настапи на Ф4 турнирите.

Црвено-црните играат на сите 9 фајналфор турнири досега во СЕХА-лигата и се единствени со таков подвиг, а и во богатата колекција со трофеи имаат дури пет пехари како победници на Регионалното натпреварување.

„Сакам Вардар да остане единствениот тим што играл на сите фајналфор турнири во СЕХА-лигата. За такво нешто најпрво треба да го заборавиме првиот меч. Ако мислиме како да ги задржиме четирите гола позитива, нема да се пласираме на Ф4. Не смееме да мислиме на време, на семафорот, на калкулации бидејќи може скапо да не чини. Мораме да играме фајтерски, како што знаеме и многу мудро за да го елиминираме одличниот тим на Загреб“, изјави Вујовиќ.

На Вардар му одговара малиот број на голови на првиот меч и ако ја мине границата од 21 гол во реваншот ќе му конвенира и евентуален пораз и од четири гола разлика за да игра на Ф4 во Задар.

Двата клуба се поим за ракометната игра во Регионот, имаат по две европски титули, а имаат и пехари во СЕХА-лигата. Вардар е рекордер со пет трофеи, а Загреб еднаш беше шампион.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести