Вујовиќ: Ова е најизедначено четвртфинале, ќе ни требаат 120 добри минути против Загреб

Македонскиот првак Вардар 1961 вечерва од 20.15 часот во „Јане Сандански“ во Скопје ќе се обиде да го победи ППД Загреб и со што подобар резултат да замине на реваншот од четвртфиналето во регионалната ракометна СЕХА-лига.

Тренерот на Црвено-црните, Веселин Вујовиќ, не се занимава со математики колкава разлика би била доволна за мирен реванш на 31 август и најавува интересен двомеч во кој патникот на завршницата ќе се знае по мечот со Загреб и 120 одиграни минути.

„Мислам дека тоа е најизедначениот пар во ова четвртфинале. Ќе биде интересно, мислам дека за конечниот победник ќе мора да почекаме 120 минути, ништо нема да се реши по првиот натпревар. Тие доаѓаат во добра форма, а ние полека ја креваме. Ме радува што ќе имаме навивачи на нашиот натпревар. Не размислувам за конечниот исход на дуелот и колку голови ни се потребни, туку јасно ми е дека мора да одиграме одлично на двата натпревари за да ја елиминираме екипата на Загреб“, изјави Вујовиќ.

Максимум 1.800 навивачи ќе можат во живо од трибините да го бодрат Вардар, а за сите останати ќе има директен пренос на МРТ. Инаку, тренер на Загреб е некогашниот македонски селектор Ивица Обрван, а во играчкиот кадар е Иван Чупиќ, кој до пред некој месец го носеше дресот на Вардар.

- Оглас -

Најнови вести