За една вечер НБА-екипите потрошија две милијарди долари, нови договори за Кајри, Дрејмонд, Халибуртон, Мидлтон…

Точно на полноќ започна предниот рок во НБА-лигата и екипите и играчите не губеа време, па за една вечер се потпишаа договори тешки дури две милијарди долари.

Еден од првите кошаркари кои станаа слободни играчи и стави потпис на нов договор е Дрејмонд Грин. Тој одлучи да остане во Голден Стејт вориорс и потпиша четиригодишен договор тежок 100 милиони долари. Иако ќе заработува помалку од претходно, желбата на Грин да продолжи да игра заедно со Стеф Кари и Клеј Томпсон, беше пресудна.

Кајри Ирвинг одлучи да остане во Далас маверикс и заедно со Лука Дончиќ да се обидат да дојдат до титулата. Ирвинг во наредните три години ќе инкасира 126 милиони долари.

Иако се шпекулираше дека Крис Мидлтон ќе го напушти Милвоки бакс, ол-стар крилото им остана верен на Елените и за новата тригодишна верност ќе добие 102 милиони долари.

Максимален договор вреден 260 милиони долари за пет години потпиша Тајрис Халибуртон со Индијана пејсерс, додека Дезмонд Бејн ќе добие 207 милиони долари од Мемфис гризлис во следните пет години.

Фред Ванвлит одлучи да го напушти Торонто репторс и да се пресели во Хјустон рокетс. Тој со Ракетите потпиша тригодишен договор вреден 130 милиони долари.
Шампионот Денвер нагетс во првиот ден од преодниот рок остана без еден од клучните играчи, Брус Браун. Браун во следните две сезони ќе игра за Индијана пејсерс за што ќе добие 45 милиони долари.

Портланд треилблејзерс ги изненади сите со одлуката да му даде 160 милиони долари за пет години на Џерами Грант кој не е прва ѕвезда во тимот.

Кристап Порзингис и официјално е кошаркар на Бостон селтикс кој му даде 60 милиони долари за две сезони.

- Оглас -

Најнови вести