За Гвардиола, Реал е крал на Европа, Анчелоти мисли дека Сити е најдобар тим на Стариот континент

Трета сезона по ред во елиминациската фаза на Лигата на шампионите во фудбал ќе има мега пресметка на Реал Мадрид и Манчестер сити, двата можеби најголеми фаворити за освојување на трофејот во најценетото клупско натпреварување во Европа.

Во 2022 и 2023 година, тој што излегуваше како победник од тогашните двобои на Реал и Сити, на крај го креваше победничкиот трофеј во ЛШ.

Менаџерот на Граѓаните, Пеп Гвардиола, рече дека станало како мала традиција во ЛШ да играат против кралот на ова натпреварување.

„Се надевам дека ќе бидеме во добра форма за тие два меча. Ждрепката не може да се контролира, ако луѓето кажат дека сме добиле лесен противник, може да има потценување. Лигата на шампионите е посебна. Патувате низ Европа, патува цел клуб и се трудите да го играте најдобриот фудбал што можете“, вели Гвардиола. 

Тренерот на Кралевите од Мадрид, Карло Анчелоти, верува дека за мечевите со Сити ќе го има целиот тим на располагање, со повратниците Куртоа и Милитао.

„Нема фаворит, мислам дека шансите за полуфинале се изедначени. Ќе биде одлично четвртфинале. Една година победивме ние, другата тие, ќе видиме. Сити можеби е еден од најдобрите во Европа во моментов, ќе биде тешко, се разбира, но ако сакате да бидете европски шампион, мора да го елиминирате Сити“, рече Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести