Украинците за крај на сезоната ќе играат со публика на трибините

Плејофот за уште едно место што води во Лигата на Европа во Украина ќе се игра со присуство на навивачи на трибините.

Дозволениот капацитет ќе биде една четвртина, или 25 отсто од местата што ги има на стадионите, а Украинците одлучија да ризикуваат и да дозволат посета на навивачи.

Плејофот почнува утре, со двете полуфиналиња меѓу Олександрија и Мариупол на стадионот „Ника“ во Олександрија и на „Олимпискиот стадион“ во Киев, каде што Колос ќе му биде домаќин на Днипро-1.

Со сооптштение на Фудбалската федерација на Украина, објаснето е дека дозволата е пристигната од Министерството за здравство, а посебно е потенцирано дека треба да се почитуваат строгите протоколи во битката против ковид-19.

Победниците од двете полуфиналиња ќе играат меѓу себе нокаут-меч во финалето и најдобриот тим од квартетот учесници ќе ја претставува Украина во Лигата на Европа заедно со Зарја и со Десна, екипи што обезбедија настап преку плејофот.

Шампионот Шахтар ќе игра диретктно во групната фаза во Лигата на шампионите, а второпласираниот Динамо Киев ќе мора да игра во квалификациите во елитното европско клупско натпреварување.

 

- Оглас -

Најнови вести