За малку ќе му ја сечеа ногата, но се врати на теренот, а синоќа доби испраќање какво што добиваат само најголемите (Видео)

Вилјареал синоќа со 4:0 го победи Ејбар, а мечот го одбележа легендата на клубот Санти Касорла. Тоа е фудбалерот кој пред повеќе од 15 години дебитираше во дресот на Жолтата подморница, а синоќа го одигра последниот меч за омилениот тим.

Касорла има 35 години, а најави дека ова не е крај на неговата кариера. Вели дека си заминува од Вилјареал затоа што веќе нема да може да дава 100 отсто од можностите.

„Ова не е „збогум“ туку само „ќе се видиме подоцна“. Секогаш сум бил искрен кон клубот. Реков дека ќе си заминам кога веќе нема да можам да давам 100 отсто од себе на теренот и тој момент дојде. Го чекам новиот предизвик во кариерата“, рече Касорла, кој денеска беше промовиран во нов играч на Ал-Сад, каде што тренер е Чави Ернандес.

Вкупно во три наврати Касорла се враќаше во Вилјареал и одигра вкупно 333 меча. Сезонава имаше одличен биланс од 11 голови и 10 асистенции и беше еден од најзаслужните што клубот се пласираше во Лигата на Европа. На синоќешниот меч против Ејбар играше до 81-вата минута, а потоа излезе и, за жал, не го доби планираниот аплауз од 25.000 навивачи кои сигурно со стоечки овации ќе го поздравеа еден од омилените играчи.

По завршувањето на дуелот, играчите на Вијареал и Ејбар направија шпалир и со аплауз го поздравија Касорла, кој подоцна заврши во рацете на своите соиграчи. Освен Касорла, поздрав имаше и за уште една легенда на Вилјареал. Капитенот Бруно Соријано, кој целата кариера ја помина во дресот на овој клуб, реши да замине во пензија.

https://youtu.be/8r7Wmbr3O4s

Касорла е еден од хероите во модерниот фудбал. Додека беше играч на Арсенал, Касорла во 2017 година претрпе тешка повреда на тетивата на ногата. По направената операција, се случи компликација, доби гангрена, па можеше дури и да му го исечат стапалото.

И покрај тешката повреда и долгата пауза, Касорла се врати и покажа дека може да блеска повторно, па дури повторно се врати во репрезентацијата на Шпанија, во чиј дрес има одиграно 81 меча.

 

- Оглас -

Најнови вести