Македонската фудбалска репрезентација одлично ги започна натпреварите во Лигата на Нации и со максимални шест бода е лидер во својата група. „Црвено-жолтите“ на стартот победија со 2:0 на гости кај Гибралтар, а потоа на арената „Филип Втори“ со 2:0 беше победена и Ерменија.
За овие резултати на репрезентацијата, Управниот одбор на ФФМ, на денешната седница во Охрид, реши да ги награди фудбалерите и стручниот штаб со премија од 30.000 евра.
„За победите против Гибралтар и Ерменија во рамките на УЕФА Лига на Нации, фудбалерите на А националниот тим, како и стручниот штаб ќе добијат награда во висина од 30.000 евра“, стои во одлуката донесена од Управниот одбор на фудбалската федерација на Македонија.