За првпат по 15 години, кошаркар на Јута направи трипл-дабл (Видео)

Кошаркарите на Јута џез го декласираа конкурентот од Западната конференција, Далас маверикс, со 127:90 во меч кој го одбележа бекот на Џезерите, Џордан Кларксон.

Кларксон натпреварот го заврши со 20 поени, 10 скока и 11 асистенции, со што ја прекина една од најдолгите серии во НБА-лигата. Имено, тој стана првиот кошаркар на Јута по пауза од 15 години кој остварил трипл-дабл на натпревар во регуларниот дел од сезоната.

 

Покрај Кларксон, одлична партија прикажа и Симеоне Фонтекио, кој даде 24 поени, додека во редовите на Далас, кој го доживеа третиот пораз во последните четири меча, Лука Дончиќ за него имаше скромни 19 поени и 14 асистенции.

Шампионот Денвер нагетс со победа пред своите гледачи ја започна 2024 година. Денвер со 111:93 го совлада Шарлот хорнетс иако Никола Јокиќ не беше на вообичаеното ниво и даде само 13 поени и имаше 11 скока. Улогата на прв реализатор кај Денвер ја презеде Џамал Мареј, кој даде 25 поени, додека Мајкл Портер јуниор натпреварот го заврши со 22 поени.

ЛА клиперс пред своите гледачи со 121:104 го совлада Мајами хит и ја оствари третата победа по ред. Кавај Ленард со 24 и Пол Џорџ со 23 поени ја предводеа листата на стрелци кај Клиперси, додека во редовите на Мајами, кој го доживеа вториот пораз по ред, најдобар беше Бам Адебајо со 21 поен.

Резултати: Торонто – Кливленд 124:121, Хјустон – Детроит 136:133, Милвоки – Индијана 113:122, Денвер – Шарлот 111:93, Феникс – Портланд 109:88, Јута – Далас 127:90, ЛА клиперс – Мајами 121:104.

- Оглас -

Најнови вести